ДОО/ДООЕЛ, ТП, ПОДРУЖНИЦА или ПРЕТСТАВНИШТВО?

ДОО/ДООЕЛ, ТП, ПОДРУЖНИЦА или ПРЕТСТАВНИШТВО?

Правна форма

При основањето на нова фирма важен чекор кој треба да го направите е да донесете одлука околу тоа која правна форма ќе ја има новооснованата фирма. Со таа цел Ви даваме кус осврт за значењето на поимите ДОО/ДООЕЛ, ТП, Подружница, АД и Претставништво како правна форма.

Друштво со ограничена одговорност (ДОО) како правна форма

Друштво со ограничена одговорност е правна форма на трговско друштво во коешто едно или повеќе физички и правни лица (а најмногу 50 содружници) учествуваат со по еден влог во однапред договорената основна главнина на друштвото. Кога друштвото има еден содружник фирмата ги содржи зборовите: „друштво со ограничена одговорност од едно лице” или ознаката: „ДООЕЛ”. Содружниците не одговараат лично и неограничено со целиот свој имот за обврските на друштвото како што е случај со ТП.

Пред поднесувањето на пријавата за упис на основањето на друштвото во трговскиот регистар, содружникот нема обврска за уплаќање на паричниот влог, ниту пак за внесување на непаричниот влог.

Трговец – поединец (ТП)

Трговецот-поединец е правна форма на физичко лице кое, во вид на занимање, врши некоја од трговските дејности определени со закон. Како трговец-поединец може да се запише во трговскиот регистар секое деловно способно физичко лице со постојано место на живеење во Република Македонија.

Трговецот-поединец одговара за своите обврски лично и неограничено со сиот свој имот. Фирмата на трговецот-поединец ги содржи и неговото лично име, татковото име и презиме како и ознаката „ТП“.

Акционерско друштво (АД)

Акционерското друштво е таква правна форма на трговско друштво во кое акционерите учествуваат со влогови во основната главнина којашто е поделена на акции. Фирмата на акционерското друштво мора да ги содржи и зборовите „акционерско друштво“ или ознаката „АД“. Друштвото може да има еден или повеќе акционери. 

Најмалиот номинален износ на основната главнина, кога друштвото се основа симултано, без јавен повик за запишување на акции изнесува 25.000 Евра во денарска противвредност, според средниот курс на НБРСМ, објавен на денот пред усвојувањето на статутот. Кога друштвото се основа сукцесивно преку јавен повик за запишување акции, најмалиот номинален износ на основната главнина изнесува најмалку 50.000 Евра во денарска противвредност, освен ако со друг закон не е определен друг најмал износ на основната главнина.  

Основањето на АД може да се направи само со посредство на адвокат.

Подружница на странско друштво и странски трговец-поединец

Странско друштво, односно странски трговец поединец може со одлука во писмена форма да организира подружница во Република Македонија само ако е запишано во регистарот на државата во којашто има седиште. 

Подружницата настапува во правниот промет од името и за сметка на странското друштво, односно странскиот трговец – поединец, при што мора да ја употребува фирмата и седиштето на странското друштво, односно странскиот трговец – поединец , како и името на подружницата. За обврските настанати со работењето на подружницата, странското друштво, односно странскиот трговец – поединец одговара со целиот свој имот.

Основањето на Подружница може да се направи само со посредство на адвокат.

Претставништво

Странско друштво, коешто има право да врши трговска дејност според националното законодавство може да организира трговско претставништво во Република Македонија. Претставништвото нема својство на правно лице и не може да врши трговска дејност.

Основањето на Претставништво може да се направи само со посредство на адвокат.

2022-09-05T08:59:36+00:00

Recent posts

Contact Info

Str. Varshavska 1-2/22, 1000 Skopje

Phone: +38925129068

Web: Accounting Solutions Skopje

Archives