Бизнис план – важна алатка во проценка на една бизнис идеја

Бизнис план

Барате извор на финансирање како банка или инвеститор кои финансиски ќе ја поддржат вашата бизнис идеја?

Не е доволно да презентирате само идеја. Потребен ќе ви биде бизнис план како документ кој детално ќе ја објасни бизнис идејата. Планот ќе одговори и на тоа како идејата ќе биде спроведена.

Од бизнис планот немаат корист само инвеститорите и кредиторите. Корист ќе имате и самите вие бидејќи добро направениот план ќе ви помогне да утврдите дали вашиот бизнис е одржлив пред да почнете со истиот во реалниот свет. Тој ќе ве присили да ги анализирате пазарот и можностите во реални услови пред да се обидете да обезбедите финансирање.

Навременото пишување бизнис план ќе ви заштеди време и пари

Работејќи на својот план вие исто ќе сфатите како да го направите успешен својот бизнис.

Пред да го опслужите вашиот прв купувач, ќе имате одговори на многу прашања како на пример: Кој ќе биде вашиот производ или услуга? Колку треба да наплаќате за единица производ или услуга? Колкави ќе бидат вашите трошоци? Кому и како ќе продавате?

Најважната улога на бизнис планот е таа што тој навреме ќе ве спречи да изгубите време и пари доколку идејата која на почеток ви се чинела толку добра се покаже како неизводлива уште пред да инвестирате.

Користа од бизнис планот не е само во стартната фаза на бизнисот

Добриот бизнис план ќе ве насочува и во оперативното работење во подоцнежните фази од бизнисот. Тој ќе ви ја дава рамката и насоките на движење. Лесно ќе може да утврдите доколку несвесно почнувате да се оддалечувате од првично поставените цели.

На што треба да внимавате при изработка на бизнис план?

Планот треба да изгледа професионално, да биде лесен за читање. Кога го правите треба да пишувате за читателот. Без оглед дали е за внатрешна ваша употреба или за надворешни кредитори и инвеститори, тој треба да е напишан на јазик кој ќе биде разбирлив.

Содржината на планот треба да ја одразува вашата спремност да инвестирате време, пари, интелект и чувства. Јасното и концизно пишување на планот со едноставен речник ќе покаже дека добро сте ја разработиле идејата и темелно го разбирате предметот на планот.

И секако, никако не смеете да ја потцените важноста на добрите советници. Најдете сметководител кој ќе ви помогне да избегнете грешки. Треба да направите добра проекција на приходите и трошоците како и даночната оптовареност. Пресметката на трошок по производ и соодветна цена на производот или услугата бара вклученост на професионален советник од областа на сметководство и финансии и секако добар и искусен познавач на индустријата во која имате намера да влезете.

 

 

 

 

2022-09-18T21:32:17+00:00

Recent posts

Contact Info

Str. Varshavska 1-2/22, 1000 Skopje

Phone: +38925129068

Web: Accounting Solutions Skopje

Archives