Превозници и возачи - нов закон за Вашата дејност

Нов Закон за работно време на мобилните работници во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај

Со овој закон се воспоставуваат минимални услови во врска со организирањето на работно време на мобилните работници. Целта е да се подобри безбедноста, заштитата и здравјето на лицата што вршат мобилни дејности во патниот сообраќај, подигање на нивото на безбедност во патниот сообраќај, како и обезбедување контрола во патниот сообраќај.

Примена на законот

Законот за работно време на мобилни работници се применува на:

  • Трговски друштва (превозници, издавачи на картички, работилници), односно на мобилните работници кои учествуваат во извршување на активности во патниот сообраќај;
  • Возачи кои управуваат со возила чија максимална маса е поголема од 3,5 тони и автобуси наменети за превоз на повеќе од девет патници.

Законот не се применува на возилата кои:

  • Вршат јавен линиски превоз на патници на линии со вкупна оддалеченост до 50 километри;
  • Не можат да постигнат брзина поголема од 40 км на час;
  • Се во сопственост или под закуп на Армијата на РМ, полицијата, Дирекцијата за заштита и спасување и службата за противпожарна заштита, ако превозот е во врска со активности што ги вршат овие служби и се извршуваат под нивна контрола;
  • Вршат некомерцијален превоз на хуманитарна помош во вонредни околности или спасувачки операции;
  • Специјализирани за медицински цели;
  • Возила или комбинации на возила чија максимална маса не е поголема од 7.5 тони, а кои се користат за превоз на стоки за сопствени потреби;
  • Се специјализирани за поправка на дефекти и се движат во опфат од 100 км од седиштето на фирмата;
  • Се од историско значење олдтајмери, според прописите на државата во која се регистрирани, а кои не се користат за јавен превоз на патници или стока;
  • Се тестираат на патот поради технички развој, одржување или поправка, или нови возила или преправени возила кои не се регистрирани.

Работно време на мобилни работници

Со овој закон пропишани се посебни услови во однос на работното време, паузите и одморите. Сепак евиденцијата на работното време, пресметката на просечни часови на работа по месеци превозникот ги води согласно Законот за работни односи.

Според законот, превозникот има обврска да ја организира работата и да ги запознае возачите со одредбите од законот поврзани со управување на возилото. Потоа, треба да ги презема редовно податоците од тахографот (уред кој се вградува во возила за автоматско или полуавтоматско прикажување и запишување на одделни податоци за движењето на возилото и за одредени работни периоди на возачите кои управуваат со возилото). Превозникот исто така, треба да издаде потврда за активноста на возачот, да исплаќа надомест за службено патување во странство и тн.

Новиот закон е објавен во „Службен весник на РМ“ бр. 140/18, а е во сила од 7 август 2018 година.

2019-06-13T12:55:48+00:00

Recent posts

Contact Info

Str. Varshavska 1-2/22, 1000 Skopje

Phone: +38925129068

Web: Accounting Solutions Skopje

Archives